На 17-та седница на Владата, на предлог на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска беше усвоена одлуката која се однесува на замрзнување на цените на училишните продукти во период од 03.09.2024 до 20.10.2024 година.
Највисоката трговска маржа (добивка) за стоки за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо е определена на вкупен износ до 5%, додека во трговијата на мало е определена на вкупен износ до 10%. Со оваа мерка ќе се намалат и цените на училишните средства, со што ќе се намалат и трошоците за живот на граѓаните. Оваа одлука е донесена со цел да се даде поддршка на граѓаните. Министерството за економија и труд секогаш ќе биде покрај граѓаните за да се грижи за нив во тешките моменти.
Ова е мал, но многу важен чекор за граѓаните. Посветени сме да го дадеме најдоброто за нашите граѓани и за нашата земја. Тоа се постигнува со конкретна работа и делувања.
Целосната листа;
- Ранци и ташни
- Тетратки, блокови, нотеси, колажи
- Средства за пишување (моливи и пенкала)
- Дрвени боици
- Пластелин, теста за моделирање, подлоги
- Фломастери и маркери
- Мрсни боици
- Темперни, акрилни, водени бои и четки
- Линијари и дидактички материјали
- Острилки и гуми за бришење
- Детски ножици
- Футроли, етуи и училишни додатоци
- Лепак
- Шестари, дигитрони, компаси и лупи
- Чаши за прибор и држачи
- Украсна хартија
- Папки и картонски ташни
- Материјали за изработки